Стоматолошката протетика се занимава со реконструкција на оштетеното ткиво на забите, надоместување на еден или повеќе изгубени заби со мостовска конструкција или реконструкција на целата забна низа. Со коронките и мостовите се воспоставува континуирана забна низа со анатомска форма на коронарниот дел од забите, се обезбедуваат: функција, естетика, фонација и превенција на преостанатите забни и орални структури, а со тоа и на целиот организам.

Неопходно е изгубените заби да се надоместат, бидејќи по екстракција на забите се создава празен простор кон кој соседните заби имаат тенденција на поместување. Ова поместување на здравите заби кон празниот простор ја отежнува секојдневната орална хигиена, непцата се подложни на заболувања, можна е дополнителна загуба на преостанатите здрави заби заради преоптоварување, како и сериозни нарушувања во функцијата на зглобот и во џвакањето. Заради овие причини, неопходно е извадените заби да се надоместат со дентални мостови, коронки или импланти. Со овие протетски надоместоци ќе се врати вашата насмевка, ќе се овозможи правилно џвакање и зборување, силите на џвакопритисок рамномерно ќе се распределат, со што ќе се намалат оптоварувањето и оштетувањето на здравите заби.

Во нашата ординација подеднакво се работат и фиксната и мобилната протетика. Изработуваме конструкции од метална керамика и безметална керамика.
Безметалната керамика се изведува со специјализирана технологија по CAD/CAM -техника (computer-aided design & computer-aided manufacturing), со која се добиваат прецизни димензии, извонредна цврстина и совршен краен естетски ефект. Конструкцијата се изработува компјутерски со што грешките се сведени на минимум. Најчесто користени материјали се циркониум и титаниум, коишто се биокомпатибилни, посилни и поиздржливи во споредба со другите материјали и совршено се вклопуваат со бојата на преостанатите здрави заби.