Вовед
Парадентозата е болест која се карактеризира со предвремено губење на забите иако истите најчесто се здрави или интактни (непломбирани или лекувани). Во светски размери парадентозата е застапена кај 95 отсто од популацијата.
Симптоми
Парадентозата најпрво почнува со крварење од непцата и непријатен здив, потоа повлекување на непцата и атрофирање на гингивите при што се добива впечаток дека забот е оголен за на крајот да почне да се клати и во краен случај да одпадне. Промени настануваат и во алвеоларната коска односно во чашките кои ги држат забите во вилицата (настанува нивно атрофирање односно повлекување така да забот во терминалниот стадиум на парадентозата е прикрепен само за гингивата. Карактеристично е тоа што промените кои што се случуваат во устата може да се видливи или невидливи за пациентите.
Причини
- забниот камен,
- меките наслаги на забите (лоша орална хигиена),
- тескоба на забалото (ротирани, инклинирани заби, како и заби со пореметување во растот и развојот),
- лоши протетски изработки кои што можат да доведат до преоптеретување на забите и нивно предвремено испаѓањееден од најголемите фактори за појавата на парадентозата е и стресот кој се вбројува во модерните болести на денешницата.
Терапија
Кај народот постои сваќање и убедување дека штом парадентозата еднаш ќе се појави повеќе нема спас. Но модерната стоматологија не се сложува со тој концепт на размислување. Правени се многу испитувања, експерименти и денеска со успех во лекувањето на парадентозата можат да се пофалат многу пациенти кај кои пак ако парадентозата им била дијагностицирана уште во почетен стадиум истата може да се стопира и со добра нега и контрола од стоматолог. Терапијата првенствено се состои во редовно миење на забите како основа на оралната хигиена, користење на специјални пасти и четки за заби, редовно чистење на забен камен и субгингивални конкременти и тоа барем два пати годишно. Доколку пак парадентозата е во понапреден стадиум тогаш се применуваат ласерската терапија и дијадинамофорезата со кои пак, испитувањата покажуваат, се постигнува исклучително голем успех.